Првиот концерт „Млади за Скопје“ на 16-ти септември во МКЦ

Со концерт на Cóntact 59 и изложба на Ана Спасова, на 16-ти септември во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе почне првиот од серијалот на концерти „Млади за Скопје“. Настанот е организиран во заедничка соработка на МКЦ и тимот на Алтернативно Скопје.

„Целта на овој проект е давање шанса за промоција на млади и неетаблирани бендови кои многу вредат но до сега немале шанса да ги слушне поширок аудиториум. Младите ќе имаат шанса да видат што е тоа квалитетна свирка, да ја поддржат локалната сцена, а и воопшто да имаат нивно место, катче, каде што ќе се дружат еднаш месечно, а постарата публика ќе има шанса да увиди дека Скопје после нив полека не замира туку дека се прави нешто“, велат организаторите во најавата на настанот.

Тие веруваат дека овие настани можат да ги мотивираат младите луѓе да формираат сопствени бендови, а се надеваат дека постарите љубители на музика ќе ги поддржат новите бендови и на нив нема да гледаат со предрасуди.

Првото издание „Млади за Скопје“ предвидено е да започне со изложба на Ана Спасова, студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика. Нејзиниот интерес е истражување на состојбите во внатрешниот свет на личноста. Потоа свој музички концерт ќе одржат Cóntact 59, млад бенд формиран во Скопје од поединци кои свират музика во жанрот на инди-рок и пост-панк.

Почетокот за настанот е во 21 часот. Картите во претпродажба се 100 денари, а на денот на концертот ќе се продаваат по цена од 150 денари.

„Млади за Скопје“ е настан замислен да се одвива еднаш месечно со концерт на кој вниманието ќе биде насочено кон еден бенд.