Првиот човек на Гугл ја заврши мистериозната посета на Северна Кореја

Претседателот на управниот одбор на технолошкиот гигант Гугл, Ерик Шмит пристигна во Пекинг откако помина неколку дена во контроверзна „приватна и хуманитарна мисија“ во Северна Кореја.

Првиот човек на Гугл ја заврши мистериозната посета на Северна Кореја

Иако Шмит повеќепати разговараше со медиумите, и натаму не е јасно кои се вистинските причини за посетата: лобирање за поголем пристап до интернет во Северна Кореја, проширување на бизнисот на Гугл во оваа земја или обид да се издејствува ослободување на Американецот Кенет Бае, кој е во затвор во Северна Кореја. Според информациите, Шмит не се сретнал со претседателот на комунистичката држава Ким Џонг Ун, но бил примен од заменик-министер во владата во Пјонгјанг.

Посета на кој било американски државјанин на Северна Кореја е многу невообичаена, а во изминатите 20 години не е забележано дека во земјата дошол американски бизнисмен од висок профил. За време на посетата, Шмит посетил болница и универзитет, каде се уверил дека студентите користат застарени „ХП“ компјутери, кои ги фотографирал за спомен.

Шмит е еден од најбогатите луѓе во светот, а неговиот имот се проценува на 7.5 милијарди долари. Според повеќе аналитичари, најверојатниот мотив за изненадувачката посета на Северна Кореја сепак е ширење на бизнисот на пазарот кој досега беше „недопрен“ од западните компании.