Првиот албум на „Дивоградба“ е достапен за слушање

Бендот „Дивоградба“ го објави својот прв истоимен албум, составен од пет песни. На него работеа Лука Јовановски и Андреј Димовски, во соработка со Раде Биковски.

„Албумот го снимивме дома, на нашите Scarlett Audio интерфејсови, (одличен ‘дил’ за секој музичар во подем) еднаш кај едниот, еднаш кај другиот, па пак кај едниот па кај другиот. Финалните миксови и мастери и некои бас линии беа снимени од Раде Биковски, без чие перфектно сеслушно уво никогаш немаше да ги тргнеме ултра високите фреквенции, што глувост можат да створат. Во албумот ставивме 5 песни, имавме уште ама засега се овие пет“, велат од бендот за Радио МОФ.

Оттаму велат дека сакале да направат нешто нивно и различно од сè што имало на музичката сцена во тоа време.

„На почетокот не одеше ко леб и путер, повеќето проби кај Виктор на поткровје (бобан) стануваа огромни џем сесии, без видлив крај, иако во моментот додека свиревме се чинеше легендарно, песна никако да направиме. Веројатно трезноста не беше на оптимално ниво, ама после неколку месеци сфативме каде е проблемот и одлучивме дека е доста, седнавме и го направивме ‘Дивоградба’“, велат од бендот.

Албумот е достапен за слушање на сите платформи и во него може да се слушнат песните „Пешки накај дома“, „Прашина“, Свирни три пати“, Анимирано месо“ и „Не сакам“.