Први геј бракови во Тајван

Истополови парови вчера се венчаа во емотивни и радосни сцени во Тајван, активистите ги поздравија првите легални истополови бракови во Азија како социјална револуција во регионот.

Парламентот на Тајван минатата недела усвои закон со кој се легализираа истополови бракови, иако оваа мерка би можела да ја комплицира кандидатурата на претседателот Цаи Инг-ван за реизбор следната година.

Повеќе од 160 двојки од ист пол се венчаа вчера, според владините податоци, како кулминација на тридецениската жестока борба за еднаквост, која го подели островот.

Дваесет двојки чекаа да се венчаат во канцеларијата за регистрација на бракови во центарот на Тајпеј, каде што се вееја знамиња со боите на виножитото, заедно со сетови формулари за регистрација издадени од владата на тема со виножито.

„Се чувствувам многу среќно што можам гласно на сите да им го кажам ова: јас сум хомосексуалец и ќе се венчам“, изјави Шеин Лин, 31-годишен пекар кој со својот партнер беше првиот пар кој се регистрираше во канцеларијата во Тајпеј.

„Јас сум исклучително горд на мојата земја Тајван“, рече во солзи Лин, пренесе Ројтерс.

Еуфоријата и емоциите на геј заедницата на островот се гледаа на ново венчаните двојки кои се движеа по тепихот во боите на виножитото во блискиот парк, пред семејствата и пријателите, како и пред дипломатите и новинарите.