Првата жена-претседател на Непал е феминистка и комунистка

По векови мохархија, младата република Непал од пред неколку дена ја водат жени на две многу важни политички позиции – на функциите претседател на државата и претседател на Парламентот се избрани жени.

Во настан кој локалните медиуми го нарекоа „историски“, Конгресот на Непал ја избра правничката и универзитетска професорка Бидја Бандари за претседателка на земјата. 54-годишната Бандари е потпретседателка на комунистичката Обединета марксистичко-ленинистичка партија и има долг стаж во активизмот за родова еднаквост.

Во текот на неодамнешните дебати околу новиот устав на земјата, Бандари жестоко се бореше за вклучувањето на правата на жените. Таа на изборите го победи Кул Бахадур Гурунг од централистичката Партија на конгресот, со 327 наспроти 214 гласови. Пред една недела, Онсари Гарти Мадар стана првата жена избрана на позицијата претседател на конгресот, а беше избрана со акламација.

Бандари е само вториот претседател на Непал, откако пред седум години земјата го смени политичкиот систем и стана република, по векови владеење на кралеви. Првиот претседател, Рам Баран Јадав, беше од Партијата на конгресот.