Првата Парада на гордоста во Скопје на 29 јуни

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија го објави одржувањето на првата Парада на гордоста на скопските улици во последната сабота од јуни, на 29-ти.

Со оваа најава Ирена Цветковиќ ја отвори денешната прес конференција, истакнувајќи ја важната улога која медиумите ја имаат во заедничката борба за праведно општество во кое се почитуваат човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани, вклучително и ЛГБТИ заедницата.

Антонио Михајлов ја нагласи потребата од што е можно поголема поддршка и активно учество од сите чинители: политичари, јавни личности, активисти, уметници на Парадата на гордоста, солидаризирајќи се со ЛГБТИ луѓето. Парадата на гордоста креира простор кој еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет итн.

Годинава се одбележува 50-годишнината од првите демонстрации во Њујорк, познати како Бунтот од Стоунвол, кои беа пресвртна точка за создавање на ЛГБТИ движењето, односно борбата за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на ЛГБТИ луѓето – изјави Кочо Андоновски. Северна Македонија е последната земја од регионот која организира Парада на гордоста.

оРганизаторите најавуваат дека во следниот месец ќе ги објават деталите околу одржувањето на Парадата, точната локација, маршрута и време.