Прва заедничка родителска средба на Родителски пленум

„Заедничка родителска средба на родителите од сите училишта во Скопје и Македонија – да се запознаеме, да поразговараме за актуелниот бојкот и за ситуацијата во училиштата. Ве молиме, без партиски обележја и ставови – сите сме родители!“, се вели во поканата на новоформираниот Родителски пленум за заедничката родителска средба.

Средбата е закажана за денеска, во 17 часот на платото на скопската гимназија Јосип Броз Тито. Како што е наведено на Фејсбук страницата, Родителски пленум го сочинуваат родители на средношколци и студенти кои се дел од двата пленума.

Тие бараат да се стави крај на лошите образовни реформи, а повикаа и на потпишување на петицијата за поддршка Средношколскиот пленум.

„Сите четири досегашни пленуми (Студентски, Професорски, Средношколски, Наставнички) се залагаат за темелни, издржани и усогласени реформи во образованието како единствен и комплетен процес, од најниско до највисоко ниво. Нема причина Родителскиот Пленум да отстапи од овој став. СТОП за лошите реформи во образованието на сите нивоа!“, порачува Родителскиот пленум.