Прва вело тура за медицински канабис

По ,,Коноп Фест”,  Канабис Клуб – Скопје, организира уште еден настан, овојпат на тркало. Во недела, (13 септември) ќе се одржи првата вело тура за употреба на марихуаната за медицински цели.

Организаторите ги повикуваат сите оние кои сакаат да учествуваат да ги земат со себе своите велосипеди, ролери и скејтборди и да возат еден час низ централното градско подрачје. Целта на настанот е како што велат, да се покаже дека и оние со спортски дух се залагаат за канабисот во медицина.

Вело турата ќе започне и ќе заврши во Школка во Градски Парк, а ќе трае од 12 до 13 часот.

Рута за првата вело тура за медицински канабис

Прашањето за медицинска марихуана во Македонија, за првпат посериозно беше покренато на почетокот од оваа година, откако се појави иницијатива од неколку невладини организации.

Поттикнати од тоа дека голем број граѓани во Македонија користат масло од канабис како лек, иако е нелегално, организациите неколку месеци организираа јавни дебати, проекции на документарни филмови и музички настани.

Граѓани бараат спас во маслото од канабис, иако е нелегално

Неодамна Либерално-демократската младина (ЛиДеМ) соопшти дека преку пратениците на ЛДП во македонското Собрание ќе достави предлог-закон за легализација на марихуаната во медицински цели.

„Употребата на канабисот во Македонија зема се поголем замав, затоа сметаме дека со неговата легализација ќе им се овозможи на болните коишто се одлучиле за таков третман, овој лек да го земаат легално. Притоа ќе се елиминираат сите сомнежи и можности за манипулации од страна т.н. дилери на марихуана, околу квалитетот на производите од оваа супстанца“, се вели во нивното соопштение.

Следејќи ја актуелнaта дебата во Македонија околу легализација на марихуаната за медицинска употреба, агенцијата за истражување на пазар и јавно мислење М-Проспект, во рамки на сопствените анализи за ставови на јавноста по актуелни прашања, спрoведе истражување по пат на теренска анкета на јавното мислење во Р.Македонија. Македонските граѓани беа прашани:

1. Дали мислите дека употребата на медицинска марихуана треба да биде
легална, или не?

2. Дали мислите дека употребата на марихуана треба да биде легална, или не?

Според резултатите легализацијата на медицинската марихуана ја одобруваат 70% од испитаниците, додека 28% се против.  Од друга страна, за општа легализација на марихуаната се 34%, додека против се 63% од македонските граѓани.