Прва тужба од семејства на двајца загинати во пожарите во Грција, на Атика ќе се уриваат дивоградби

Тужба до обвинителството, против генералниот секретар за цивилна заштита, префектот на Атика, градоначалникот на општина Маратон, против одговорните за цивилна заштита во периферијата Атика и општина Маратон, против одговорните и надлежните во противпожарната служба и полицијата и кон секој што носи одговорност, поднесоа три семејства на загинати во катастрофалните пожари.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, тужбата ја достави адвокатот кој што е правен застапник на семејствата кои загубија сопруг- татко и мајка. На 70 страници се објаснети аргументите, но и детално е опишано како двете лица ги загубиле животите и што точно се случувало минатиот понеделник.

Во меѓувреме, со оглед на тоа што дивоградбите се наведуваат како една од причините за над 90 жртви во пожарот кој пред десетина дена пламна во близина на Атина, грчката Влада најави дека ќе започне со
уривање на сите објекти изградени без соодветна дозвола.

Според Министерството за животна средина на Грција, во децентрализираната администрација на Атика постои листа со 2.500 дивоградби во шума, но и 685 дивоградби на брегот, кои според препораките на катастарските шумските служби треба да се урнат, изјави портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос.

„Се работи на тоа листата да добие приоритет и како што и самиот премиер кажа, ќе направиме се што е неопходно, ќе се конфронтираме со кој било, ако е потребно за да ја заштитиме и Атика, но и целата земја од веројатноста за една нова ваква природна катастрофа во иднина, рече Ѕанакопулос.