Денеска во организација на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ќе се одржи Првата национална конференција за политики за дроги.
Покрај домашни, експерти, пратеници, преставници на политички партии како говорници на конференцијата се и Јиндрих Воборил, Национален координатор за дроги на Република Чешка, Јака Битенц од Словенечкиот социјален клуб за канабис, и Иван Варентцов од Фондацијата Андреј Рилков од Русија.
Од ХОПС соопштуваат дека со оваа конференција сакаат да креираат простор за рефлексија, дебата и анализа на постоечката политика за дроги во нашата земја и влијанието која таа го има врз здравствениот систем, социјалната политика, економијата, безбедноста, но пред се врз животите на граѓаните.
Конференцијата има за цел да поттикне дебата за прашања кои се од клучно значење за успешноста на земјата во решавањето на проблемите поврзани со употребата на дроги. Решавањето на овие прашања бара соработка на сите нивоа помеѓу законодавната, судската и извршната власт и граѓанскиот сектор.
– Политиката за дроги во Македонија има свои позитивни и не толку позитивни примери. Така, во Македонија постојат програми кои важат за добра пракса во европски рамки како што се програмите за намалување на штети. Mеѓутоа, од друга страна целосно изостануваат програмите за ресоцијализација и реинтеграција, а програмите за лекување се сведуваат пред се на медицински модел без соодветна психосоцијална подршка и се недостапни за малолетниците кои се зависни од дроги, се вели во соопштението.
Од ХОПС велат дека клучен сегмент на една политика се и законите кои треба да бидат во служба на граѓаните и кои ќе овозможуваат заштита на човековите права.
– Кога станува збор за законската регулатива на дрогите постојат различни примери во светот – од криминализацијата на употреба на дрогите и репресивна политика, преку декриминализација на употребата на канабис, до регулирање на сите видови дроги и креирање на контекст во кој употребата и зависноста се гледа како здравствено и социјално прашање, а не кривично. Затоа на оваа конференција освен македонското искуство ќе бидат презентирани резултатите на политиките за дроги на Република Чешка, Словенија и Русија. Примерите на овие земји ќе покажат кои политики се поуспешни, хумани и ефективни, соопштуваат од оваа организација.