Прва награда за битолското економско училиште на натпреварот „Мулти-виа-медиа“

Во рамките на натпреварот „Мулти-виа-медиа: Како го градиме соживотот во училиштата“ кој го организираше УСАИД, СОЕУ „Јане Сандански“ од Битола ја освои првата награда. Учениците од ова училиште учествуваа со видео приказна под наслов „Пронајди ја разликата“, која посочува дека сите се исти, без разлика на вера или етничка припадност.

„Видеото го подготвувавме со членовите на Младинската организација при СОЕУ „Јане Сандански“ а под менторство на педагогот Анета Ристевска и проф.Снежана Плушковска. Сакавме да биде нешто едноставно, да не креираме сценарија со глумење, меѓутоа пораката да биде силна и јасна и мислам дека успеавме во идејата која што ја имавме и победивме“ – вели Мартин Николовски член на Младинската организација.

На натпреварот учествуваа 37 средни училишта од цела Македонија со над 50 проекти. Целта на овој натпревар беше да се поттикнат средношколците и наставниците да се произведат мултимедијални производи преку кои ќе се прикажат активностите на училиштата кои се посветени на меѓуетничката интеграција во образованието, се со цел зајакнување на соработката меѓу различните етнички заедници и негувањето на културните разлики.

За првото место, битолското средно економско училиште како награда доби камера Го про 4 и лап топ.

Награденото видео погледнете го подолу: