Прва македонско-грчка ликовна колонија од 30 јуни до 5 јули во Струга

Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје го најавува одржувањето на првата ликовна колонија со наслов „Културен мост“ на која од 30 јуни до 5. јули во Струга ќе учествуваат ликовни уметници од Грција и од Македонија.

Целта на колонијата е развивање и продлабочување на културната соработка и пријателство меѓу Македонија и Грција. Проектот вклучува и заедничка изложба на учесниците на колонијата, која ќе биде отворена на 6-ти јули 2018 година, во објектот Чифте Амам, при Националната галерија на Македонија во Скопје.

Иницијативата за ликовната колонија „Културен мост“ е на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје, додека во работата на колонијата се вклучени грчките уметници Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис, како и уметниците од Македонија: Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска и млади сликари од Струга. Паралелно со работата на колонијата, уметниците ќе имаат можност да ги посетат Калишта, Радожда, Вевчани, Охрид и кањонот Матка.

Со проектот „Културен мост“ Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје дава свој придонес во заложбите за добрососедство, пријателство, соработка и комуникација меѓу уметниците на двете држави, со што истовремено се развиваат и продлабочуваат и културните односи меѓу Република Македонија и Република Грција.

Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.