Прва хронометар велосипедска трка во Маврово на 8 септември

Професионални и аматерски велосипедисти на 8 септември ќе можат да учествуваат на првата хронометар велосипедска трка во Маврово. Трката ќе се вози патека во должина од 22 километри, во правец Бистра – Леуново – Бистра.

Таа ќе биде организирана со запазување на сите мерки и протоколи врзани за организирање настани во услови на Ковид-19, а пропишани од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Стартот на трката ќе биде хронометар, што значи дека на секои 15 секунди ќе стартува по еден велосипедист и тоа според редоследот на броевите кои натпреварувачите ќе ги добијат при процесот на пријавување, а времињата на старт ќе бидат објавени во стартната листа.

Во трката HALK VELO GREEN натпреварувачите ќе бидат поделени во 2 категории, ПРО и ХОБИ. Категоријата ПРО ги опфаќа членовите на клубовите во Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ), но во неа ќе можат да возат и сите оние кои се чувствуваат подготвени да се натпреваруваат со овие велосипедисти. Категоријата ХОБИ е наменета за сите велосипедисти кои рекреативно се занимаваат со овој спорт.

Бројот на натпреварувачи ќе биде ограничен на 300 (100 во ПРО категорија и 200 во ХОБИ категорија) натпреварувачи. Пријавувањето ќе се одвива преку www.smartrace.club и ќе трае до 2 септември, а доколку број на учесници се пополни и пред предвидениот рок, пријавувањето ќе биде затворено. Котизацијата за трката изнесува 600 денари, а сите уплатени средства ќе се искористат за пошумување на одредени површини во земјава каде што ќе биде утврдено дека има потреба.

Организатор на трката е Халкбанк, од каде најавија вредни награди за најдобрите мажи и жени велосипедисти во двете категории. Првопласираните ќе добијат ваучер за Garmin часовници, додека второ и третопласираните ќе добијат ваучери за спортска опрема.