Прва архи бригада: Предложениот Закон за просторно и урбанистичко планирање е на штета на јавниот интерес

Прва архи бригада реагира на предлог Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој, велат тие, остануваат непроменети некои членови кои во изминатите години се злоупотребуваа од властите и урбаната мафија, а на штета на јавниот интерес.

Од Прва архи бригада потсетуваат дека минатата година Комората на областени архитекти и инженери на РМ формираше група за изработка на нов Закон, кој веројатно ќе се усвои во следниот период и со кој треба да се регулира планирањето, развојот и контролата на изградбата на просторот, односно постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови.

„Сметаме дека во процесите на изготвување на Законот, треба да има увид и пошироката јавност, односно да се земат во предвид и забелешките на граѓаните, кои директно ги чувствуваат сите намерно или случајно оставени ’дупки’ во Законите. Силувањето на нашите градови, простори и имоти е директен производ на законските решенија и правилниците за планирање и проектирање кои најчесто ги штитат интересите на властите, инвеститорите, урбаната мафија и т.н. перачите на пари“, соопштува Прва архи бригада.

Освен забелешки, кои ќе ги достават до стручната јавност, Асоцијација на архитекти и граѓанските здруженија, апелираат до Владата да отвори јавна стручна дебата за да се дојде до подобра верзија на Законот и сродните правилници.

Со цел да се спречат малверзации, а граѓаните да бидат навремено информирани, бараат општините задолжително да го објават повикот за организирање на јавна презентација и јавна анкета и на своите профили/страни на социјалните мрежи (фејбук, твитер) каде што, велат тие, најголем број граѓани непосредно и секојдневно ја следат работата на општините и остваруваат комуникација со претставниците на локалната самоупрaва.

„Сведоци сме дека во изминатите години секој обид на граѓанските активисти да ја информираат јавноста за организираните јавни анкети, преку лепење на плакати и соопштенија, беше неуспешен, затоа што партиски активисти веднаш ги отстрануваа истите. Дополнително, веб-страните на општините и информацискиот систем е-урбанизам речиси никој не ги користи секојдневно така што не би требало да се сметаат како медиуми за објавување на повик кој треба да допре до голем број граѓани“, образложуваат од Прва архи бригада.

Меѓу другото, за поголема прегледност и лесен пристап до донесените урбанистички планови и плански документации, предлагаат Општините, особено општините во Град Скопје да имаат обврска да изработат и постават ГИС портали/апликации на нивните веб-страни, на кои прегледно ќе бидат објавени плановите.

Сите забелешки и образложенија може да се видат ТУКА.

Инаку, за новиот Предлог-Закон и како тој ги продолжува лошите пракси реагираа и од О2 Коалиција. Од таму посочија дека зградите повторно никнуваат на атрактивни, примамливи локации, се продава државно земјиште по багателни цени и сè е согласно уредби, закони или покриено со немање ингеренции, можности итн.

„И тоа што до некаде има мораториум и стопирање на градежни активности е дело на граѓански активизам, но до кога?“, прашаа еко-активистите.

О2 иницијатива: Како новиот Предлог-Закон за просторно и урбанистичко планирање ги продолжува лошите пракси