Прв смртен случај од коронавирус во земјава, вкупниот број заразени се искачи на 114 пациенти

Прв смртен случај од коронавирусот е регистриран во државава, а се работи за жена од Куманово која имала 57 години чии резултати биле посмртно позитивни, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Во меѓувреме, во изминативе 24 часа регистрирани се 29 нови случаи во државава, од кои 22 во Скопје, 3 во Штип, 2 во Дебар и по еден во Куманово и Охрид, а со ова бројката на заразени со вирусот се искачи на 114 пациенти.

„Во однос на приемот и третманот, сакам да кажам дека колегите постапиле согласно протоколот за изолација, навремено се земени два теста и двата теста иницијални покажале негативен резултат. Но и  покрај негативните резултати заради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во општата болница во Куманово, а брис е повторно земен после констатација на смртта во текот на вчерашниот ден, вечерта, и тој бил позитивен. Брисот е земен заради наглото влошување на состојбата заради што е тоа нетипично за друга болест и тоа ги натерало колегите повторно да се посомневаат и да земат уште еден, трет брис“, објасни Филипче.

Заедно со неа е хоспитализиран и нејзиниот 33-годишен син, два-три дена после неа во текот на минатата недела, додаде Филипче, а вчера настанало влошување на неговата состојба. Потоа, прво бил префрлен во одделот за изолација на Клиниката за пуломологија, а според протокол после тоа и на Клиниката за инфективни болести, каде сега е хоспитализиран и е во стабилна здравствена состојба.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се 24 пациенти, од кои седум од нив се на третман со кислородна поддршка, а 11 се во стабилна здравствена состојба.

„Утре по истекување на 14 дена од поставувањето на дијагнозата, кај шест пациенти ќе се зема контролен брис, од нив пет се во добра состојба. Кај пациентката која имаше влошување на состојба и е поставена на респираторна машина, таа е во непроменета состојба во однос на неколкуте претходни денови“, потенцираше Филипче.

Пациентите кои што се на домашно лекување, пак, се во континуирана комуникација со лекарите од Инфективната клиника, посочи Филипче и најави дека од утре целосно ќе биде ставен во функција системот на комуникација со медицинска сестра одговорна за оваа работа, а по потреба и за консултација со лекар специјалист за проценка на нивната состојба.

Според министерот за здравство, интензивно се работело на зголемување на капацитетите во однос на телефонските линии, пристапот на пациентите и тестирањата согласно епидемиолошките анкети.

„Од утре почнуваат да функционираат вкупно 14 пункотив ширум целата држава. Во Скопје пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките Чаир и Јане Сандански. Ќе се тестираат пациенти, односно граѓани, 50 по епидемиолошки индикации и 120 со закажување по претходна најава кај матичниот лекар кој ќе треба да пополни алгоритам кој ќе укаже на тоа дали пациентот, граѓанинот треба да биде тестиран или не“, објасни Филипче, додавајќи дека во утрешниот ден ќе бидат објавени информациите за центрите ширум државата.

Филипче уште еднаш упати апел дека здравствените работници не можат да направат ништо, доколку граѓаните не им помогнат против ширењето на КОВИД-19.

„Никогаш досега како сега, не ни била потребна помошта од сите граѓани, од сите жители на нашата држава, на нас здравствените работници, 23 илјади за да помогнеме на сите 2 милиони граѓани на нашата земја. Ние тоа сами нема да можеме да го направиме. Сите овие мерки ги носиме и апелираме да се почитуваат, тоа е целта. Имаме зголемување на број на случаи и тоа е очекувано, ќе се зголемува и понатаму. Мораме да ги почитуваме сите овие мерки за да ја спласнеме кривата на раст на заболени од коронавирусот, тоа се случува насекаде во светот, само таму каде што се почитуваат мерките имаме соодветен резултат“, посочи Филипче.