Прв „SexEd“ во Кино Култура

Со цел да се зборува за ваквите табу теми, инспирирани од концептот на TED, по повод 28 септември – Меѓународниот ден за безбеден и легален абортус и 26 септември – Светскиот ден на контрацепцијата, ХЕРА го организира SexEd. Настанот се организира во петок, 28 септември, во Кино Култура и е замислен како едукативно-инспиративен настан за сексуалноста и сексуалните права.

Во фокусот на првото издание се правото на избор и сеопфатното сексуално образование – локално и глобално, а на сцената своите приказни ќе ги споделат седум говорници.

„И ден-денес девојките и жените во Македонија мораат да чекаат по три дена за легален абортус – доколку им се одобри. Младите во Дебар, пак, можат да гледаат фудбал во секое кафуле, но кондоми можат да си купат само од една бензинска.

Со таква достапност не е ни чудно што само 13% од паровите кај нас користат модерна контрацепција. Гинеколошките столови за девојките и жените со попреченост во земјава се бројат на една рака, а машките најчесто првпат одат кај уролог дури откако ќе сфатат дека чајот за простатата не е чаре. Наместо во училишните клупи, за сексуално преносливите инфекции и сексуалноста се „учи“ од интернет-форуми, а говорот на омраза и насилството ко пиреј виреат во соблекувалните, училишните ходници и на екраните,“ посочуваат до ХЕРА.

SexEd е отворен за сите, на македонски и англиски јазик, со превод на знаковен јазик. Присуството е бесплатно, а пријавувањето е задолжително на https://bit.ly/2pmB7Sl и отворено се додека не се пополнат местата.