Прв саем за вработување – без оптимизам кај невработените

Нема оптимизам меѓу невработените дека ќе најдат работа на саемот за вработување кој денеска се одржува во Скопје. И покрај метежот пред влез,  дел од нив велат дошле затоа што од агенциите преку СМС порака ги поканиле, дел само да се информираат објави Телма.

Прв саем за вработување - без оптимизам кај невработените

„Не ми е јасно ништо, ми дадоа да го потполнам ЦВ –то ама и тоа не знам, а и не верувам дека ќе се вработам. Ова повеќе ми личи на маркетинг. Вчера ми испратија порака на мобилен за да дојдам тука“, вели невработен на Саемот.

„Дојдов да се информирам, да видам кои компании се, но не верувам дека ќе успеам да се вработам. Чекам 20 години и ништо“, посочува невработена за Телма.

Невработените на саемот можеа да се запознаат со понудата за вработување на 86 компании, учеа да пополнуваат ЦВ и ги оставаа во кутии за идните вработувачи ако имаат потреба од нивниот порфил да ги поканат на интервју.

„Сите компании присутни на Саемот имаат потреба од работна сила. Тие ќе ги отворат своите врати, ќе кажат што се им треба, каков кадар, кои се нивните идни планови за нови вработувања. Се надевам дека ќе ја постигнеме целта, да ги споиме побарувачите на работа и на работна сила“, изјави директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Според организаторите, најбарани професии се правници, економисти, ИТ и електроинженери. Освен во Скопје, ваков Саем ќе се одржи во уште седум градови низ Македонија.  Настанот го организираат Агенцијата за вработување на РМ во соработка со УНДП и УСАИД.