Прв саем за кариера – работа, мотивација и среќа се неопходни за постигнување успех

Прв „Кариерен експо“ - Мотивацијата е најважна за градење кариераПод мотото „Поврзи се“, Младинскиот совет на американската амбасада го организираше првиот саем за кариера „Кариерен експо“ во Мала станица во Скопје каде се претставија 50 успешни компании, институции и организации. На настанот присуствуваа претставници од американската амбасада, амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Кристофер Ивон, пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошовски како и бизнисмени, но и граѓански организации.

Според Милошоски, во Македонија кариерата е поврзана со тоа да се биде јавна личност. Но, тој вели дека прво е потребно да се знае што е она што младите го сакаат, а потоа да видат дали се способни да го направат тоа. Милошоски додава дека мотивацијата е клучниот поим што треба да го имаат предвид младите.

„Луѓето од внатрешноста се помотивирани, иако тоа не треба да биде некое правило. Луѓето што доаѓаат од помалите средини и компании се повеќе мотивирани да успеат и да ги направат потребните контакти“, рече Милошоски за време на дискусијата.

За амбасадорот на Велика Британија, Кристофер Ивон, учењето односно способноста да се надградува е важна карактеристика што претставувало темел на неговата кариера. Но додава тој, покрај желбата, мотивот, работата, упорноста за успех во градењето кариера е потребна и среќа. Тој ја сподели својата животна приказна, во која раскажа дека покрај учењето, упорноста и желбата и среќата која ја имал, му помогнале да излезе од сиромаштија и да стане она што денес е тој.

„Верувајте во себе, секогаш знајте што сакате, посветете се на тоа, работете го со многу труд и љубов и резултатите со малку среќа ќе дојдат“, порача британскиот амбасадор.

Лидерството пак, едноставно може да значи младите сами да бидат способни да ги водат сопствените кариери, , а како што велат од Младинскиот совет на американската амбасада, кариерата е повеќе од работата и потребна е мотивација. Според нив, секој млад човек треба да започне од нула, а парите не треба да бидат двигател при градењето кариера.

Настанот денеска е беслатен и отворен за сите заинтересирани, активностите траат до 18 часот и се закажани повеќе работилници и презентации за волонтерство и вештини од младински граѓански организации.

Емилија Петреска