„Прв пат сме побројни од полицијата“ – Во Белград се одржа Парадата на гордоста

Со барања за рамноправност на ЛГБТ заедницата попладнево се одржа Прајд парадата во главниот град на Србија, Белград.

Маршот, кој поминал без инциденти, започнал од Плоштадот Славија и завршил во Паркот на студентите, каде до вечерните часови ќе има забава за присутните.

„Ова е историска парада, прв пат не има повеќе од припадниците на полицијата“, изјавиле организаторите, пренесува порталот Мондо.

На Прајдот се приклучиле повеќе претставници на власта, меѓу кои и српската премиерка Ана Брнабиќ, двајца министри во владата, градоначалникот на Белград Зоран Радојчиќ и повеќе странски амбасадори.

„Пораката треба да им се испрати на оние кои не се овде. Кога борбата ќе заврши нема да се сеќавате на гласовите на вашите непријатели, туку на тоа колку молчеле вашите пријатели. Јас не можам да молчам. Длабоко во себе верувам дека сите луѓе се родени еднакви, дека не е важно кој на каков Бог се моли, за која партија ќе гласа, или кого ќе сака. Ви нудат селективна правда, а тоа е неправда. Живееме во земја во која 30 години омразата е движечка сила, ајде во наредните 30 години луѓето да се сакаат. Должни сте да го почитувате правото на љубов, слобода и различноста. Не сме сите исти“, изјави новинарката Сузана Трниниќ, која од организаторите беше најавена како „Кума на Прајдот“.

Годинешнава Парада на гордоста во Белград имала најдолг марш и најмногу содржини досега. Во претходните години овие собири во српскиот главен град беа во сенка на насилни инциденти и огромно полициско присуство.