ПРВ.МК – апликација која ги информира младите за пракса, работа и волонтирање

Веб апликацијата prv.mk која пред младите беше презентирана денеска во Киното Фросина, се очекува да стане практична алатка која на едно место треба да ги собере сите информации за слободни работни места, пракса, волонтирање и обуки.

ПРВ.МК - апликација која ги информира младите за пракса, работа и волонтирање

Според најавите, апликацијата ќе им помогне на младите кои бараат работа, полесно да стигнат до информациите за слободни работни места и за потребите на пазарот на труд.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, за Радио МОФ вели дека мобилната апликација претставува надградување на новиот веб сервис на Агенцијата за вработување промовиран пред еден месец, веб сервис кој целосно ги интегрира сите огласи во државата и сите работници може да го користат со цел да добиваат навремени информации и електронски да аплицираат.

„Младите ќе можат да добијат навремена нотификација за одреден профил за работа. Исто така ќе можат да добијат информација и за активните мерки и политики за вработување кои се реализираат преку Агенцијата за вработување, како што се и обуките и практиканството и програмата за самовработување и програмата за субвенционирано вработување“, вели Спасов.

Според Деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов, апликацијата е интегрирана со сервисот на Агенција за вработување и информациите се влечат оттаму. Останатите информации за обуки и мерки за самовработување исто така доаѓаат од државните агенции, со што апликацијата во поглед на одржливост е поставена на солидна основа и ветува дека информациите ќе бидат ажурирани.

„Верувам дека ќе стане многу корисна алатка за младите кои можеби нема да одат во Агенција за вработување и да бараат огласи, а на овој начин преку апликацијата ги имаат во џебот. Она што е најважно, во делот на ИКТ побарувачката на работна сила е голема и во последно време има уште неколку други такви гранки кои бараат работна сила, а има многу луѓе кои се во сосема други професии во кои нема работа. Овие луѓе треба да видат што се бара и да се преквалификуваат, што не е страшно и тешко. Преку процесот на доживотно учење, многу полесно се наоѓа работа онаму каде се бараат луѓе. Во моментот има околу седум илјади работни позиции кои се отворени, што значи дека има работа“, додава Трајанов за Радио МОФ.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон  рече дека апликацијата е значајна за младите не само поради клишеата дека на нив останува иднината, туку и заради тоа што голем дел од нив се невработени.

„Нашата идеја е не да им се донесат решенија на младите за да се вработат, туку да им се помогне сами да дојдат до решенијата“, додаде таа.

Веб страната и апликацијата се развиени од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) во рамките на Центарот за социјални иновации.

К.О.