Прв меѓународен Конгрес на лица со посебни потреби и Бал на различности во Скопје

Со предавања на домашни и странски еминентни доктори, проекција на филм и бал, ќе се одбележи првиот Меѓународен конрес за лица со посебни потреби насловена „А, зошто да не сме различни?!“ во организација на здружението „Дајте ни крилја“. Конгресот официјално започнува денес во 16 часот, а ќе трае во наредните три дена.

На отворањето во хотелот Александар Палас ќе може да го се потпишат сите оние кои сакаат да ги поддржат барањата на ова Здружение за измени во Законот, подзаконските акти и правилниците кои се однесуваат на лицата со посебни потреби.

„Целта на конгресот е да им го олесниме патот до вистинската информација пред се на родителите на лицата со посебни потреби и лицата со посебни потреби. За стручниот дел од слушателите е единствена можност на едно место да се информираат за се она што ги интересира , а е поврзано со лицата со посебни потреби и е нивна шанса за професионална надградба и остварување на лични контакти“, рече Ребека Јанковска Ристески, претседателка на Здружението.

Покрај стручните предавања, ќе се реализираат и една психолошка работилница наменета за родителите, едно предавање со дискусија на тема поврзана со теологијата и православието и дебата на тема „Инклузијата на лицата со посебни потреби во образованието, социјалниот живот, стопанството“.

На 14-ти и 15-ти октомври (петок и сабота), предавањата и работилниците ќе се одвиваат на Скопски Саем со почеток во 15 часот. Во Дом на АРМ, пак, на 15-ти ќе има премиера на игран филм од шведска продукција во кој актери се лица со посебни потреби во 20 часот, а до 16-ти октомври ќе бидат поставени две изложби. Влезот за посета на овие активности е слободен.

Како последна манифестација, на 16-ти октомври (недела) од 19.00 часот, во Дом на АРМ по третпат ќе се одржи Балот на различности, чиј покровител и оваа година е г-ѓа Маја Иванова, сопругата на Претседателот на Македонија. На балот ќе настапат музичари, актери, водители од земјава и странство, каде во секој сегмент се вклучени и лица со посебни потреби. Да нагласиме дека имаме мошне интересни и ексклузивни предавања и гости.

Балот на различности е поддржан од Министерство за култура на РМ, а партнери на настаните се Шведска Амбасада, Ресурсен центар на родители, Здружение на професионални физиотерапевти и Универзитетската Клиника за Радиотерапија и Онкологија. Билетите за балот се пуштени во продажба и тие можат да се купат во просториите на Здружението „Дајте ни крилја“ по цена од 400 ден.