Прв фестивал на отворено во Крушево покрај езеро

Фестивалот When in Krusevo, кој ќе трае од 4-ти до 6-ти август претставува спој на рекреација, кампување, спортување и забава.

Тој вклучува авантуристички МТБ и планинарски тури низ недопрената крушевска природа, адреналински тандем параглајдинг од Мечкин Камен, посета на историските знаменитости и музеи, како и многу забава на Крушевското езеро.

МТВ турата започнува од Гумење на 50м од Кумитскиот камп, поминува низ познатата Крушевска корија и преку историската Слива (најголемата битка за Крушево) се искачува до манастирот св. Преображение и до Крстот над Крушево од каде ќе може да се ужива во прекрасниот поглед кон целата Западна Македонија.

Турата продолжува до највисоката планинска точка на Бушева планина, врвот Мусица (1788 мнв), од каде се спушта до скијачките терени Станич, продолжува до Мечкин Камен и се враќа назад до Кумитскиот камп низ прекрасното и незаборавно Крушево.

– Поголемата Кумитска авантура 40km
– Помалата Кумитска авантура 20km

Планинската тура започнува од Кумитскиот камп, продолжува над Крушевското езеро до месноста Слива, историската точка каде се одвивала најголемата битка за одбрана на Крушевското население. Од Слива се искачува до Крстот над Крушево, местото со најубавиот поглед на Светот (па и малку пошироко), продолжува до манастирот св. Преображение и продолжува до врвот Мусица (1788 мнв), највисоката точка на Бушева планина. Од Мусица турата полека се спушта низ Крушевската корија, преку скијачите терени Станич и низ Крушевскиот орман турата пристигнува до влезот на Крушево. Турата завршува со искачување од влезот на Крушево до Кумитскиот камп – единствената можност да го искачите нашето гратче Крушево од неговата најниска до неговата највисока точка, пешки.

За секој учесник на фестивалот ќе бидат овозможени и тандем летови од Мечкин Камен, со пилотите на клубот Heli XC.

Повластени цени од 1500 денари само за учесниците, летот трае 20-30 минути а рутата зависи од временските услови. Во цената е организиран превоз до месотото на летање и слетување. Летовите ќе се одржат на 5-ти август.

Во склоп на тридневното дружење, фестивалот нуди и посета на споменик Илинден (во народот познат како Македониум), Галерија Мартиновски – најпознатата збирка на слики избрана и поставена од самиот уметник, по потекло од Крушево, Никола Мартиновски и посета на спомен куќа „Тоше Проески“. Во секој музеј обезбеден е водич и кустос.

За забавата, пак, ќе се погрижат Фолтин, Rootboy Selector, The Backdoor Band, GALOSKI, High Start, DJ Crazy Slave и DJ Bapcu.