Оваа сабота (15 јули) со почеток од 20 часот во „Излет“ ќе се одржи презентација на Првиот дигитален приказ за проблемите на новинарите и медиумите.
Новинарите ќе бидат во фокусот во платформата „Ѕуница“ (dzunica.mk), чиј основач е Моника Јовановска.
„Создадовме простор каде што ќе се презентираат проблемите со кои се соочувале и во иднина ќе се соочуваат новинарите и медиумските куќи. Навистина е важно да се обрне внимание на медиумските работници, затоа што тие се креатори на јавното мислење и нивната работа заслужува да биде јавно третирана и документирана. Слободата на изразување е едно од основните граѓански и политички права, и токму поради тој факт се одлучивме да презентираме дигитални новинарски стории, кои се обработени исклучиво врз база на вистината. Проблемите со кои се соочуваат новинарите, како што се цензура, физички напади, невербални закани, уценувања, неосновани отпуштања од работа, мобинг и слично, не треба да останат занемарени.
Новинарската професија мора да се потпира на факти, а не на пропаганда и хипотетичко новинарство. Вистината е една за сите и истата никако не смее да биде искривувана за манипулација на народот. Ова новинарско катче е слободен терен за вистинските професионални новинари, но и за оние кои што сакаат тоа да бидат и ќе ги почитуваат стандардите за професионалност. Јавноста има право да ја знае вистината и мора да биде информирана!“, вели Јовановска.
Инаку, идејата да се изработи дигитална новинарска сторија на тема „Слобода на медиуми“ беше наградена на првиот Новинарски стартап-натпревар, кој што беше во организација на фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа Скопје.