Прв ден екстерно за матурантите – паднат систем, технички проблеми

На првиот ден од екстерното тестирање за матурантите матурантите биле оставени да чекаат час и половина за да почнат со полагање, поради паднат систем, велат од Средношколски пленум. Техничките проблеми поврзано со екстерното, продолжуваат и оваа учебна година.

Средношколскиот пленум на својот Твитер профил објави фотографија на која се гледа известување од серверот дека постои грешка, односно „дистрибуцијата на тестовите не е започната“.

Со оваа порака на нивните екрани, учениците се разочарале, вели средношколката Симона Туфегџиќ од Пленумот, која за Радио МОФ рече дека технички проблеми имало речиси во секое скопско училиште.

„Со оглед на тоа дека се нема ништо сменето од минатата година, и ништо не се преземало за надминување на техничките проблеми, ние сме разочарани. Ние цело време апелиравме, испраќавме реакции, а со ова гледаме дека никој не нè слуша. Стварно е срамота“, вели Туфегџиќ.

Меѓутоа, од Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар велат дека процесот се одвива непречено.

„Според информациите од кол центрите, ангажираните тестатори и надбљудувачи, во овој момент процесот се одвива непречено, а во дел од училиштата е и целосно завршен“, стои во заедничкото соопштение на МОН и ДИЦ.

Екстерното тестирање помина со голем број нерегуларности и реакции минатата година. Ученици и наставници постојано реагираа на нелогичности во прашањата, меѓутоа голем дел од нивните поплаки беа отфрлени, со објаснување дека биле несоодветни.

Според податоците на Државниот испитен центар, за тестирањето се пријавиле 19 931 матурант за полагање на два предмета. Полагањето ќе се одвива до 29 февруари.