Провокација од Томе Лисичанец до младите: одвојте време за чување на нашата природа

78- годишниот Томе Лисичанец е пример дека без разлика на годините човекот може да биде активен заштитник на природата и нејзиниот свет. Животната определба за проучувањето на природата го прави иницијатор и прв претседател на Здружението на пријатели на шумите, иницијатор, основач и прв претседател на Еколошкото душтво, аод формирањето, па до денес е прв претседател на Здружението за зачувување на природата и белоглавите орли „Аквила“ во Кавадарци.

Провокација од Томе Лисичанец до младите:одвојте време за чување на нашата природа„Јас уште како студент се интересирав за природата и птиците, но некаде од 80тите години во соработка со Природно – научниот музеј со којшто соработувам над 50 години, ми дојде на гости еден биолог и ми укажа дека во нашиот простор постојат грабливи птици што се европски и светски реткости. Тие се на врвот на скалата на исхраната. Нивното присуство е многу важно и поради тоа почнав да се занимавам со проучување на тие птици.“

Вака Лисичанец ја започнува својата приказна за љубовта кон птиците. Врз основа на неговата почетна работа, Кавадарци доби заштитена зона на природата.

Провокација од Томе Лисичанец до младите:одвојте време за чување на нашата природа„Соработувавме со тогашниот Завод за заштита на природни реткости, којшто прерасна во сегашното Министерство за животна средина. Од нашите извештаи што ги дававме, особено за птиците крај Тиквешкото езеро, тие согледаа дека тој простор е многу интересен и заклучија дека треба да дојдат со комисија прво да го оценат, па потоа да определат што понатаму со него. Оценката беше дека е воедно интересен и коресен и беше прогласен за заштитена зона на природата.“

Аквила  како збор значи име на фамилијата птици орли, а орлите се групираат на орли – ловци, како грабливи птици и орли – мршојадци кои се хранат исклучиво од труповите на мртви животни и коишто се многу корисни додава овој сестран човек доловувајќи ни го историјатот на ова здружение.

„Ова здружение прво почна нерегистрирано. Откако едни сниматели од Белград, ја снимаа природата на овој простор, ми побараа да доведам блиску до нив птици за да може да ги снимаат. Тогаш формирав едно градилиште со скривница и успешно ги снимија грабливите птици кои пред 30 години ги имаше многу. По нивното заминување јас продолжив да носам храна, ги набљудуваме птиците, водиме извештаи за тоа што се случува, пишуваме и записници , иако во Македонија никој не ги бара, ниту ги погледнува, за жал.“

Томе Лисичанец не испушти да каже дека соработуваат и им доаѓаат гости од цела Европа и од Америка. Доаѓаат телевизиски сниматели коишто сликаат само фотографии или прават снимки за медиумски куќи, исто како и научници кои проучуваат птици и им е подобро одбиску да ги набљудуваат. „Ние им го овозможуваме тоа кога со храната ќе ги доближиме, а они тука маскирани се кријат и ги снимаат“ додава тој.

Провокација од Томе Лисичанец до младите:одвојте време за чување на нашата природа„Оваа година учествуваме во три проекти кои ги водат здруженија од други држави, ние само така да кажам им вршиме услуга, сеуште не сме имале свој сопствен проект за раководење. Прво, учествуваме во поставување на прстени на птици. Потоа учествуваме во поставување на како еден вид радиостаници на грбовите на птиците, а со тоа се следи нивното движење и преселбата. Исто така, учествувавме и во пребројување на гнезда и на колонии. Еве 30 години го одржуваме хранилиштето кое е во близината на Кавадарци, а како здружение да речам, условно ја држиме македонската степа.“

Воедно, како пензиониран професор, овој човек ни раскажа и за тоа дека 40% од територијата на Македонија е степа.  Почнувајќи од Куманово, преку Овчеполието, па Тиквешијата (т.е Велес, Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци), и на крај Прилепско и Битолско Мариово заедно со Пелагонија е т.н степски дел. 40%, т.е 10 илјади и 250 километри квадратни од територијата на Македонија е степа до полупустина.

„Ние во Република Македонија и посебно во Кавадарци, имавме 4 вида мршојадци, а морам да потенцирам тоа се сите вида на мршојадци што постојат и во Европа. Белоглавиот е најброен, но имавме и црн мршојадец што е светска реткост, потоа брадест мршојадец и белата кања којашто можеби е и најзагрозениот вид моментално. Знаци од тие четири вида на птици мршојадци сите би ги набљудувале, но последните примероци од црниот и брадестиот мршојадец што ги имавме исчезнаа. Не најдовме никаде трага, труп или нешто слично, такашто јас претпоставувам дека се заминати.“

Лисичанец и понатаму алудира дека состојбата во Република Македонија станува се поризична бидејќи никој од земјава не ги финансира, а со години наназад помошта која ја добивале од Европските фондации е намалена. Белоглавите мршојадци на хранилиштето порано се собираа во релативна бројка од 50 до 70, но сега ги нема повеќе од 15.

Провокација од Томе Лисичанец до младите:одвојте време за чување на нашата природа„Царските орли се гнездат на големи дрва и бидејќи луѓето тие дрва ги сечат се повеќе се преместуваат на далекуводите. Електростопанството им ги рушеше гнездата. Ние преку Министерството за животна средина се изборивме рушењето да престане. Но, бидејќи ним им смета тоа во Кавадарци изработивме вештачки гнезда и монтерите ги поставија по Повардарието на повеќе далекуводи, оние највисоките од 400 000 волти. Сега ќе гледаме и очекуваме во тие вештачки гнезда да почнат да се преместуваат. Тогаш проблемите на Електростопанството ќе ги снема, а се надеваме дека птиците нормално ќе продолжат да се гнездат и поуспешно ќе ги одгледуваат малечките.“

Томе Лисичанец е доста активен и учествува на сите државни планинарски манифестации. Цели 66 години е планинар, а јубилејот ќе го обележи со трета самостојна изложба на планинарска фотографија. Како што вели тој, без фотоапарат и без двоглед не оди ама баш никаде. Кајакот му е „голема зараза“. Дома има два кајака и 6 пати се има спуштено по Вардар од Велес до Гевгелија. Љубопитноста на овој сестран човек никогаш нема да знасне, а и љубовта кон птиците, па за крај додава:

„Овие птици кога се на земјата изгледаат скоро грозно и не се импресивни, но во летот се прекрасни. Фактички, крајната цел на таа моја љубов кон нив е љубовта спрема луѓето и грижата за нивното здравје. Се што е во директна врска со природата, сето тоа што го сметам за убаво, сакам да го знам, сакам да го видам. Сакам сите да ги испровоцирам да одвојат време за зачувување на нашата прекрасна природа.“

Добринка Темелкова