Со модна ревија на традиционални облеки, изложба на цртежи и изработки, како и заеднички направена музика од учениците од ООУ„Лазо Трповски“ – Карпош и ООУ „Лирија“ – Чаир, и официјално заврши проектот „Против насилство – под исто небо“.
На манифестацијата беше прикажан и краткиот филм „Под исто небо“ во режија на Јане Алтипармаков, а се одржа и изложба на фотографии од Наташа Гелева. И филмот и изложбата ги доловуваат заедничките активности на учениците, реализирани во рамки на проектот.
Манифестацијата имаше за цел да ја донесе пораката за успешна соработка меѓу сите учесници во проектот, за умешноста на соживотот и придонесот на секоја индивидуа во она што значи живеење под исто небо.
Воедно беа прогласени тројцата наградени ученици на литературниот конкурс распишан на национално ниво на мајчин јазик, кои напишаа творби на тема „Против насилство – под исто небо“. Првата награда ја освои Марија Антониева од ООУ „Вера Циривири Трена“ (Општина Карпош), второнаградена беше Деа Сулејмани од ООУ „Лирија“ (Општина Чаир), а Васил Наумовски од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ја доби третата награда.
Проектот „Против насилство-под исто небо“! го реализираа Младинскиот центар за еднакви можности и неформалната група граѓани поддржани од програмата Цивика мобилитас. Civica Mobilitas.