Брзината слична на човечката го максимизира чувството на припадност кон телото, употребливоста и позитивната општествена перцепција на протетичките раце базирани на вештачка интелигенција.
Истражување на Тоeхаши Универзитет за технологија користело виртуелна реалност за да симулира ситуација во која раката на учесникот е заменета со роботска протетичка рака. Целта била да се испита како различната брзина на движење влијае врз чувството на телесна припадност, чувството на контрола (делатност), употребливоста и општествените впечатоци како компетентност и нелагодност.
Во виртуелната средина, левата подлактица на аватарот била заменета со протеза што автономно се движела кон целта. Истражувачите систематски го менувале времетраењето на движењето во шест нивоа – од 125 милисекунди до 4 секунди. По секоја ситуација, учесниците ги оценувале своите доживувања.
Резултатите покажале дека умерената брзина, со времетраење на движење од околу една секунда, создава најсилно чувство дека протезата е „дел од телото“, како и највисока оценка за употребливост. Претерано брзите (125 ms) и претерано бавните (4 s) движења значително го намалувале чувството на припадност и контрола. Перцепцијата на компетентност била највисока при умерени до малку побрзи движења, додека нелагодноста била најизразена при најбрзото движење.
Наодите укажуваат дека при развој на автономни протези не е доволно тие да бидат само побрзи и попрецизни. Брзината мора да биде усогласена со она што луѓето можат природно да го прифатат како дел од сопственото тело.
Овие сознанија се важни не само за протетичките раце, туку и за други технологии како роботски додатоци, егзоскелети и нослива роботика. Истражувачите планираат понатамошни студии за долгорочна адаптација, бидејќи со тек на време луѓето можат полесно да ги прифатат и автономните делови како „нормални“.
Извор: EurekAlert
Фото: Freepik



