Протестите во Аеродром продолжуваат, се бара повлекување на спорниот ДУП И10

Вчера повторно граѓаните на Аеродром се собраа пред општината, да го изразат својот револт кон екпресното и непроцедурално носење на Деталниот урбанистички план И10.

„Со овoј ДУП, Коневски овозможува нови градби врз зелени површини и на градежната мафија и прави нова услуга. Според ДУП-от, планирани се висококатници кај Мајчин дом и покрај Вардар. Неговата бизнис одлука ќе предизвика еколошка катастрофа и дополнително загадување на воздухот во Аеродром, сметаат граѓаните“, реагираат од граѓанската организација.

„Ивица, симни се од Водно, и дојди да го дишеш аеродромскиот воздух! Нашата општина е веќе на листата на најзагадените во Македонија. Нови градби не ни требаат!“, децидни се граѓаните. Градежните активности и непланските градби, додаваат активистите, се директен причинител за загадувањето. „Тие секојдневно ја задуваат нашата околина и го спречуваат струењето на воздухот“.

Тие велат и дека е „очигледно дека на Коневски одамна не му е приоритетно здравјето на граѓаните“.

„Тој единствено се грижи да го наполни сопствениот џеб и да ја задоволи партиската елита. Не смееме да им дозволиме да продолжат да заработуваат на сметка на нашето здравје! Овој ДУП мора да се повлече!“

„Ние ќе бидеме тука, во се поголем број, секој ден во шест, за да го спречиме ова силување на нашата општина“, му порачуваат граѓаните на Ивица Коневски.

оветот на општина Аеродром во вторникот попладне ненајавено го изгласа новиот Детален урбанистички план И10, со кој се уништува зеленилото кај „Мајчин дом“ и се дозволува изградба на нови станбени објекти на Кејот на Вардар во населбата Острово.