Протестите против каменоломите се радикализираат – ако нема решение децата нема да одат во училиште

Жителите на струшко Лабуништа вчера повторно излегоа на протест пред влезот на еден од каменоломите во близина на селото. Најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови, а доколку не се исполнат нивните барања, подготвени се и за порадикални мерки. Од наредната недела планираат и децата да не ги пуштаат во училиште.

„Дојдени сме од мака“, им се обрати Алим Салоски, претседател на еколошкото друштво „Натура лаб“ на собраните. Протестот го организираат бидејќи и покрај ветувањето на министерот Крешник Бектеши дека ќе се затворат каменоломите, од пет засега затворени се само два каменоломи.

„Ако мислите дека вака Македонија ќе оди во Европа, заборавете го тоа. Европа вакви како вас водичи на власт нема никогаш да сака. Ќе не’ вратат 20 години назад“, рече тој.

Салоски побара до наредна недела да добија извештај за ситуацијата и одговор што ќе се случува.

Жителите на Лабуништа во неколку наврати протестираа против концесиите, бидејќи како што велат природните убавини од подножјето на планината Јабланица се во ризик.