Протестите и бојкотот ја засенија Нобеловата награда за литература на Петер Хандке

Австрискиот писател Петер Хандке вечерва ја прими Нобеловата награда за литература додека во Стокхолм и Сараево се одржаа протести.

Во Сараево пред неколку дена беше претставен дигитален мурал, а денеска пред зградата на Шведската академија имаше протест со паролите „Кому му верувате: На Хандке или на Хаг?“ и „Нема награда за геноцид“.

Фото: Анадолу агенција

Досега неколку балкански држави, меѓу кои и Македонија, го бојкотираа доделувањето бидејќи Хандке му даваше поддршка на Слободан Милошевиќ и го негираше геноцидот во Сребреница.

„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот. Му дадовме инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не учествува во церемонијата на доделувањето на Нобелова награда на Хандке, напиша денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на Твитер.

Претходно, се потпишуваше и онлајн петиција за повлекување на наградата на која свој потпис оставија речиси 60 000 граѓани.