„Протестирам“ се придружува на утрешниот протест пред Влада

Граѓаните од движењето „Протестирам“ утре ќе се придружат на големиот протест пред Влада кој симболично ќе започне во пет до два. Според најавите , тие ќе се соберат во 13 часот пред Основниот суд 1, во Скопје, по што заедно со студентите од Студентскиот пленум и активистите од левичарското движење „Солидарност“ ќе маршираат до Владата на Република Македонија.

Како што изјави Марија Матовска од „Протестирам“, одлуката за поддршка на утрешниот голем протестен собир е донесена од граѓанките кои протестираат секој ден во шест, почнувајќи од 5 мај. Тие заедно со Студентскиот пленум, пред Судот ќе повикаат на ослободување на политичките затвореници и притворените активисти и студенти во бранот протести.

„Оттаму, во заеднички марш, како потсетување на долготрајната и здружена борба на сите граѓани и граѓанки, во 13:55 ќе се упатиме кон Владата на Република Македонија. Нагласувајќи ја автентичноста на движењето, граѓанките и граѓаните од #Протестирам ќе се соберат повторно и во 18:00, на пристапот кон Владата на булеварот „Климент Охридски“, како и секој ден од 5 мај наваму.

Оваа одлука е резултат на хоризонталната поставеност на движењето и желбата да се промовира еднаквост во одлучувањето, одлучување во кое се вклучени сите и кое ќе ја задржи различноста на сите кои стојат зад барањата на #Протестирам и зад кои се обединија“, посочуваат од движењето.

„Протестирам“ е автентично самоорганизирано движење, во кое се здружени граѓанки и граѓани со три главни барања и линии на дејствување: Итна оставка и преземање на политичка и правна одговорност на целата Влада на чело со Никола Груевски за неуставното, корумпирано и неетичко владеење; Итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму; Формирање на Влада за демократизација на институциите и овозможување на фер и демократски избори.