Протестирам: Еднопартиски избори нема да дозволиме

„Еднопартиски избори нема да дозволиме. Нема да им дозволиме ни да избегаат со украденото, а камо ли да останат во земјата несоочени со правда. Нема да дозволиме повторно заташкување на ситуацијата и губење на уште една година во реформи од типот `едно напред, три назад`,“ стои во денешниот повик на Протестирам.

Протестите продолжуваат со собирот пред Специјалното јавно обвинителство во 18 часот. Рутата по која денеска ќе се движат демонстрантите не е најавена.

„Македонија ја тресе духот на новото време, времето на моќни граѓани и граѓанки, кои не чекаат некој да ги викне или да им организира протест, туку самите излегуваат на улиците, кои веќе не се плашат туку со голема храброст грабат напред кон слободата! Додека да трепнеме, повеќе од месец дена сме на улица низ целата земја и дијаспората! Горди сме на секој од граѓаните и граѓанките кои излегуваат на улиците и извикуваат #ПРОТЕСТИРАМ!“, додаваат од неформалното здружение кое стои зад протестите што секојдневно, повеќе од еден месец се организираат во Скопје, по што се проширија низ повеќе градови низ Македонија.

Од Протестирам уште еднаш потсетија на нивните осум барања:

– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.