Протестирам: Денеска на улица против долгот кој расте и лудачкото владеење

Растот на јавниот долг и непотребното трошење пари од власта се во фокусот на денешнииот протест на движењето Протестирам, кој почнува во 18 часот, пред Специјалното јавно обвинителство во Скопје.

„Протестирам затоа што Македонија е сиромашна и пропадната земја, иако може да биде успешна економска приказна! Македонија е сиромашна земја затоа што ја владеат арамии кои го крадат јавното, го крадат она што е наше, ја крадат нашата иднина!

Транзицијата ја опустоши македонската економија, а оваа влада ја дозакопа. Притоа, еден од главните проблеми е задолжувањето, нашето задложување, долгот кој ние ќе мора да го плаќаме, а кој расте се повеќе повеќе“, стои во најавата за денешниот протест.

Јавниот долг, потсетуваат од протестирам, порасна за 2 и пол милијарди евра, додека последните 5 години, Владата се задолжува по 15 евра секоја секунда, 52 илјади евра секој час или 1 милион и 250 илјади евра секој ден. Секое домаќинство е задолжено со 4455 евра, или секој граѓанин за 1240 евра.

„Притоа, позајмените пари не се трошат за нашите потреби или за подобрување на економијата, туку за нивните хирови и ќефови, за нивните споменици и фасади, а голем дел одат во нивните џебови и на сметките во Белизе! Тие самите признаваат дека се лудаци, кои немаат ни за леб, ама трошат на чоколадо!

А со малку, може да се направи многу. За лечење на Тамара беа потребни 30 илјади евра. Оваа година само за камати за јавниот долг ќе бидат платени повеќе од 110 милиони евра, пари со кои можат да се направат 3 современи клинички центри“, се додава во повикот за протестот со кој Протестирам бара одговорност за ваквото, како што велат,  лудачко владеење.