„Протестирачки“ контејнери низ Скопје: „Јас јадам подобро од 60% од децата“

„Јас јадам подобро од 60% од децата во земјата“, е пораката со која, од рано изутрина, триесетина контејнери на три места во Скопје ги пречекаа граѓаните.

Пораките, испишани на македонски, англиски и албански јазик, се дел од герила кампањата на „ВСС ефект“, проектот финансиран од Европската Унија и спроведуван од Банка за храна МК во соработка со повеќе партнерски организации. „Протестирачките“ контејнери, како што ги нарекуваат организаторите, треба да ја разбудат свеста и совеста кај граѓаните за донирање наместо фрлање на вишокот храна во ѓубре.

„Доколку контејнерите беа живи суштества, многу веројатно дека изразот на нивните лица ќе демонстрираше подеднаква тага и жал заради количината храна која, секојдневно завршува во нив, наместо да биде ‘спасена’ и подарена на било кое од 60-те проценти од нашите деца, кои секое утро се будат со празно стомаче. Не хранете ги контејнерите и депониите. Тие немаат потреба од нашата храна“, порачуваат од Банка за храна МК.

Контејнерите се поставени на три локации, кај Градски стадион, Универзална сала и спроти Заводот за статистика.

Банката за храна, заедно со својата мрежа од локални партнерски организации, веќе осум години работи на подигање на свеста на граѓаните за количината храна која се фрла, како и на поттикнување на култура на донирање на вишоците храна. Преку „ВСС ефект“, организацијата цели да ја мобилизира целокупната јавност – граѓаните, институциите, организациите и бизнисите, заеднички да креираат закон со кој ќе се спречи фрлањето храна.