Протести за весникот „Зaман“, турската полиција употреби солзавец и водени топови

Со солзавец и водени топови турската полиција синоќа ги растеруваше демонстрантите во Истанбул кои се собраа пред просториите на весникот „Заман“, револтирани откако турскиот суд одлучи владата да ја преземе контрола врз медиумот.Демонстрантите безуспешно се обидоа да ја спречат полицијата да влезе во зградата на весникот.

Дневниот весник „Зaман“ важи за критичен кон претседателот Реџеп Таип Ердоган, а го поддржува неговиот влијателен противник Фетулах Ѓулен, кој се наоѓа во САД.

Судот, одлуката за преземање ја донесе откако полицијата притвори бизнисмен поради наводно финансисрање на „Ѓуленовата терористичка група“.

Турскиот суд именувал управен одбор кој ќе раководи со весникот, а именувани се и нови уредници.

Тиражот на „Заман“ минатата година изнесуваше 850.000 броеви дневно. Групата Заман поседува и весник на англиски јазик и прес агенцијата Чихан.

Овој чекор многумина го сметаат за нов удар врз слободата на медиумите во Турција. Според Севги Акарчесме, уредник на весникот „Тудејс Заман“, „ова е крај на медиумската слобода во Турција“. Загриженост изјавија и САД, а на почитување на слободата на средствата за масовна информираност и правото на луѓето да го изразат своето мислење повикаа и ОН.