Протести во Штип за спас на парк

Протести во Штип, што ќе се одржуваат секоја среда, во 20 часот, најавува граѓанската иницијатива „За спас на паркот 8 Ноември“. Преку протестот оваа иницијатива ќе се обиде да ја спречи урбанизацијата на градскиот парк.

Како што јавува Мета, инвеститорот на објектот, кој купи дел од најголемиот рамен парк во Штип, веќе почна да ги копа темелите на деловниот центар, додека граѓанската иницијатива ја спори продажбата.

Иницијативата поднесе две кривични пријави против Oпштината, која го продаде земјишетото, додека на нивното барање привремено да ја сопре урбанизацијата, Управниот суд се прогласи за ненадлежен. Оттаму велат дека Основното јавно обвинителство и по осум месеци се нема изјаснето по кривичните пријави, а нема одговор ниту од Министерството за транспорт и врски.

Очекуваат и Советот на Општината да закаже расправа по граѓанската иницијатива.

Општината Штип смета дека нема ништо спорно во продажбата и дека активностите на оваа група граѓани се политички инструирани.