Протести во Полска против реформите во судството, државната телевизија обвинува за обид за пуч

Илјадници граѓани вчера се собраа во најголемите полски градови во протест против реформите во судството на владејачката партија, за кои опозицијата тврди дека ќе ја уништат независноста на судиите и ќе ја поткопаат демократијата.

Доцна во петокот, полскиот Парламент, каде мнозинството го има Партијата на правото и правдата (ПиС), донесе закон кој му овозможува на законодавниот дом поголеми овластувања при именување судии, за што критичарите сметаат дека ја нарушува уставната поделба на власта.

Конзервативната, евроскептична ПиС, истворемено минатата недела, донесе нацрт-закон со кој треба да се променат сите судии во Врховниот суд, освен оние кои се избрани од Министерот за правда.

„Срам, срам“ извикуваа демонстрантите собрани под знамињата на Полска и Европската Унија во Варшава, нарекувајќи го Јарослав Качински, лидерот на ПиС и неформалниот државен лидер, „диктатор“, јавува Ројтерс.

ПиС вели дека партијата има демократски мандат за да ги засили ефикасноста и отчетноста на судството. По поведата на изборите во 2015 година, партијата го запоседна Уставниот суд и му даде на Министерот за правда контрола врз канцеларијата на државниот јавен обвинител.

Со закани за судски процес против Полска, челниците на Европската Унија изјавија дека овие мерки ги уриваат демократските принципи на контрола на власта, обвинување кое ПиС го негира.

Вчера опозициските лидери ги повикуваа демонстрантите да останат пред Парламентот до вторник, кога пратениците треба да дебатираат за законот за Врховниот суд. Лидерите на парламентарната опозиција најавија дека нема да дозволат таква дебата воопшто да почне.

Поделената полска опозиција вети и поголемо единство против ПиС.

„Денеска знаеме дека започнува голема битка и знаеме дека треба да бидеме заедно, знаеме дека треба да се бориме против нив заеднички“, рекол во обраќањето до демонстрантите Грегож Шетјна, лидерот на политичката групација „Граѓанска платформа“.

ФОТО: Ројтерс

Полската државна телевизија ТВП, повиците за блокирање на дебатата во вторникот ги нарече „обид за организирање пуч против демократски избрана власт“.

Во декември, во Полска се случуваше најголемата политичка пресметка по подолго време, кога опозициските лидери го блокираа подиумот на пленарната парламентарна сала пред гласањето за буџетот, револтирани од планот на ПиС да го ограничи пристапот на медиумите до Парламентот.

Вчера помеѓу Парламентот и демонстрантите имаше голем полициски кордон и барикади. Според проценките на полицијата, 4,5 илјади луѓе протестирале во главниот град, додека градските власти на Варшава изјавиле дека имало повеќе од 10 илјади насобрани граѓани.

Помали протести се одржале и во Краков, Катовице и други градови.

Партијата на правото и правдата се повеќе се изолира од западните сојузници во Европската Унија. Партијата е постојано обвинувана од критичарите за свртување кон авторитарен начин на владеење.