Протести во Мексико Сити поради случаите на силувања од полициски службеници

Околу две илјади демонстранти, скоро сите жени, викендов протестираа во Мексико Сити по серијата обвинувања за полицајци кои силувале и сексуално злоставувале жени. Претходната недела, полициски службеник беше приведен под обвинение дека силувал девојка вработена во Градскиот музеј.

Во друг случај, на 3 август, 17 годишна девојка изјавила дека била силувана од четворица полицајци во нивното службено возило.

Случајот предизвика гнев во јавноста, откако адвокатката Ернестина Годој, минатата недела откри полицајците не се обвинети, затоа што службениците чекаат жртвата да ги идентификува сторителите.

Само шест дена подоцна, 16-годишно девојче изјави дека било силувано од полицаец во Фотографскиот архив во центарот на градот, а наредната недела сторителот веќе е уапсен.

Демонстрантите извикувајќи пароли како „моите пријатели ме штитат, а вие не“, „ви верувам“, ги повикаа политичките лидери да го осудат насилството врз жените, а побараа и поголема безбедност на жените во јавните простори.


Протестите започнаа мирно, но подоцна неколку демонстранти ги искршија прозорците на главната полициска станица и предизвикаа пожар на вториот кат од објектот. Толпата народ потоа се упати во близина на Споменикот на независноста, симболичниот центар на градот, и со спреј го обоија споменикот, додека други ја нападнаа автобуската станица.

Градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шинбаум Пардо, по демонстрациите на Твитер изјави дека нејзината влада сериозно го сфаќа „легитимното барање за искоренување на родовото насилство“. Таа апелираше до демонстрантите да продолжат да се вклучуваат во значајниот дијалог.