Протести во Мадрид против преговори на власта со каталонските сепаратисти

Поддржувачите на шпанските конзервативни и центристички партии вчера одржаа протест во Мадрид против планот на шпанскиот премиер Педро Санчез за дискусии со сепаратистите во Каталонија.

Санчез изјави дека ќе именува посредник кој треба да преговара со сепаратистите, но шпанските партии кои ги организираа протестите сметаат дека таков потег е попуштање на нивните барања. Во меѓувреме каталонските сепаратистички политичари ја отфрлија ваквата порака барајќи нов референдум за независност.

На протестите учествуваа и групи од крајната десница под слоганот: „За обединета Шпанија. Избори веднаш“.

Националистичките политички партии, кои се залагаат за независност на Каталонија од Шпанија, повторно ја освоија власта во Барселона во мај минатата година, откако регионот беше под директна власт од Мадрид претходните седум месеци. Санчез стана премиер следниот месец и меѓу своите приоритети најави преговори со движењето за независност.

Тензиите во Каталонија остануваат на високо ниво бидејќи голем број граѓани се незадоволни од покажувањето на сила на Мадрид минатата година, кога покренаа обвиненија за пуч против предводниците на кампањата за независност.