Протести во Луизијана откако полицијата застрела Афроамериканец

Демонстранти ги поплавиле улиците на Батон Руж, Луизијана, во вторникот навечер, откако вознемирувачка снимка од двајца полицајци кои стрелаат во маж додека го држат на земјата се појави на интернет.

Алтон Стерлинг, 37, бил застрелан пред продавница околу 12:35 часот ноќта, после расправија со двајца полицајци, потврди полицијата на Батон Руж. Починал на местото на настанот, а полициската истрага се уште трае.

Според полицијата, полицајците одговориле на повик од анонимна личност за црнец кој продавал ЦД-а и се заканувал со пиштол.

Видеото од инцидентот, снимено со смартфон, беше постирано на интернет. Во видеото може да се види како полицаецот го фрла на земја мажот во црвена маица, пред другиот полицаец да му помогне да го задржи на земја.

Едниот од полицајците го повлекува својот пиштол и цели кон главата на Стерлинг. Неколку моменти подоцна се слушаат околу пет истрели.

Протестантите се собрале пред продавницата каде се случил инцидентот во вторникот навечер. Околу 50 лица се собрале, пренесува Mashable, носејќи транспаренти на кои пишува „Black Lives Matter“ и „Hands Up, Don’t Shoot“.

„Тој никогаш не би се тепал со полицајците. Не би извлекол пиштол, би бил премногу исплашен“, вели Шарида Стерлинг, братучетка на починатиот.

Сопственикот на продавницата, Абдула Муфлахи, сведочи дека Стерлинг немал оружје во раката, ниту пак раката му била близу до џебот. Додава и дека видел како еден од полицајците вади пиштол од џебот на Стерлинг после инцидентот.

Хаштагот #AltonSterling е актуелен на социјалните медиуми, каде корисниците го споделуваат стравот од полициска бруталност и гневот поради неговата смрт.