Протести во Албанија – студентите бараат намалување на трошоците за високото образование

Студентите од Унверзитетот во Тирана и Политехничикиот универзитет веќе два дена протестираат пред зградата на Министертвото за образование барајќи да се намалат трошоците за високото образование, кои може да достигнат и до 3000 долари.

Студентите упатија повеќе барања од министерката Линдита Никола – од подобрување на условите во сместувачките капацитети, па до нивно учество во управите на универзитетите.

Протестите се проширија и на Универзитетот „Александар Џувани“ во Елбасан, каде студенти  ја бојкотираат наставата и покренаа петиција, но има најави и за во други градови.

 Владата почнува да попушта

Албанската влада вчера прифати едно од барањата на студентите – го укина членот од Законот за високо образование со кој се предвидуваа нови тарифи за повторен упис на година и за полагање заостанати испити.

Линдита Никола, министерка за образование на Албанија

„Владата денеска ја укина одлуката која е поврзана со тарифите.  Повеќе нема дополнтелно плаќање за студентите кои изгубиле година. Што се однесува до намалување на тарифата за студирање за 50 отсто, тоа е во надлежност на универзитетите“, рече министерката Никола.

Таа најави дека ќе биде формирана работна група за разгледување и решавање на проблемите.

„Оваа мерка се уште не е стапена во сила и не влијае на ниту еден студент. Таа ќе биде претставена наредната година. Ако универзитетите се согласат, јас сум подготвена да ја оставам мерката под надлежност на автономијата на универзитетот“, рече министерката.

Но, студентите не се откажуваат. Тие најавуваат бојкот на наставата додека сите нивни барања не бидат прифатени, а главниот протест го селат пред Владата во Тирана.