Протести поради борбите со бикови во Шпанија: Тортурата не е култура

Неколку илјади луѓе протестираа во Мадрид со барање да се стави крај на борбата со бикови. Нивното незадоволство следи по големиот број иницијативи на здруженијата за заштита на правата на животните за ставање крај на оваа повеќевековна шпанска традиција.

Борбата со бикови се уште е честа во Шпанија и оваа пракса има бројни и лојални следбеници. Некои годишни настани, како Сан Фермин трката со бикови по преполните улици на Памплона привлекува и многу туристи.

Но револтот од борбите со бикови и други крвави спортови добива се повеќе сила и секоја година бројот на такви настани се намалува.

„Ме прави тажен што некои луѓе сакаат да се забавуваат на сметка на друго живо суштество. Има други начини за да го трошите времето. Не сакаме Шпанците да бидат идентификувани со борбите на бикови, тоа не е наша национална забава“, вели Мари Паз Рохо, една од демонстрантите.

Протестите беа одржани од политичката партија за заштита на животинските права – Пакма. Маршот се одржуваше во центарот на Мадрид, како и на познатите туристички локалитети во шпанскиот главен град. Насобраните извикуваа „помалку насилство – повеќе интелигенција“ и „тортурата не е култура“.

Анкетите покажуваат дека јавната поддршка за борбите со бикови опаѓала последниве децении во Шпанија. Според истражувањето од јануари, за организацијата Светска животинска заштита, 19 проценти од жителите на Шпанија ги подржуваат борбите со бикови, додека 58 проценти се против.

Протестите се дел од растечките несогласувања меѓу прогресивците – кои овие борби ги гледаат како суровост кон животните и традиционалистите – кои ги бранат како дел од шпанската култура.

Најмалку 17 шпански градови и села ги намалија општинските покровителства на борби со бикови и трки на бикови, или направија законски измени кои ја осудуваат или забрануваат оваа пракса, откако левичарската партија Подемос прв пат добија претставници на локалните и регионалните избори пред една година.