Протести низ САД – едни во одбрана на Трамп, други со барања да се изброи секој глас

Во повеќе американски градови синоќа и денеска се одржуваат протести за поддршка, но и против претседателот Доналд Трамп додека сè уште се бројат гласовите од клучните држави на изборите во САД.

Во Филаделфија во моментов стотици граѓани се собрани во поддршка на изборните комисии и бараат да се изброи секој глас на претседателските избори. Паралелно во близина се одржува и собир на приврзаници на Трамп, кои носат транспаренти со пораки за поддршка на кандидатот на Републиканската партија.

Синоќа пак, во Минеаполис демонстрантите го блокираа автопатот со барање изборните комисии низ државата слободно да можат да ги изборјат сите гласови на изборите, што предизвика повеќе апсења на граѓани, додека во Портланд пак, стотици граѓани се собраа револтирани од изјавите на Трамп кои ги сметаат за мешање во резултатите од изборите.

Истовремено преку 150 поддржувачи на претседателот, дел од нив вооружени, се собрале пред изборната комисија во Феникс, Аризона за да го набљудуваат броењето на гласовите во државата кое може да одлучи за исходот на изборите.

Во моментов Џо Бајден се наоѓа многу блиску до победа на изборите со што ќе стане следниот американски претседател.

Кандидатот на Демократската партија води пред Трамп со 253 наспроти 213 гласови според електорскиот колеџ, а преостануваат уште малку неизбројани гласови во пет клучни држави. Бајден има водство во две од нив, Невада и Аризона, додека во Пенсилванија и Џорџија, иако Трамп води, сè уште е можно да се свртат во полза на Бајден. Доколку победи во Пенсилванија, или пак било кои други две држави, тој би стигнал и надминал 270-те електорски гласови кои се потребни за изборна победа.

Трамп вчера прогласи победа на изборите, иако резултатите беа далеку од конечни. Истовремено претседателот обвини дека се врши изборна измама и се закани дека судски ќе ги оспорува резултатите. Предмалку, претседателот на Твитер напиша „Стопирајте го броењето!“.