Протести на аеродромот во Хонг Конг

Про-демократски, антивладини демонстранти одржаа протест на аеродромот во Хонг Конг, како прв од трите планирани собири.

Од полицијата велат дека не добиле формална апликација за протест на аеродромот и предупредија на можно насилство или нарушувања што можат да ја загрозат јавната безбедност, објави Гардијан.

Демонстрантите во аеродромот држеа банери со натписи „нема бунтовници, само тиранија“, а истовремено ги предупредуваа посетителите за голема употреба на солзавец од полицијата.

Од полицијата велат дека биле употребени 800 канистери само на протестот во понеделникот, а како резултат повеќе новинари и демонстранти се здобиле со иритација на кожата и внатрешни повреди.

Според Гардијан, аеродромот се чинело дека функционира нормално, додека биле спроведувани дополнителни проверки за идентификација на патниците и персоналот, а авиокомпаниите ги советувале патниците да пристигнат порано од вообичаеното.

Сличен протест се одржа на 26 јули, кој заврши мирно, без индикации дека полицијата планира да употреби сила.

Во соопштението на властите на Хонг Конг се вели дека владата и туристичката индустрија се трудат да ги намалат нарушувањата и дека „се подготвени да ги пречекаат и да им помогнат на посетителите на Хонг Конг во секое време“.

Владата соопшти дека бројот на туристи кои пристигнуваат опаднал за 26% на крајот на минатиот месец споредбено со минатата година, а тој тренд продолжува да паѓа и во август.

Туристичката индустрија учествува со 4.5% во економијата, а вработува околу 500.000 луѓе или 7% од вкупното работоспособно население.

Протестите започнаа пред два месеци поради контроверзниот закон со кој би се олеснила постапката за екстрадиција на обвинети во Кина. Демонстрантите велат дека можат да се соочат со тортура и неправедно исполитизирано судењe, па се проширија и повици за поголеми демократски реформи, заедно со барањата за оставка на политичарот Кери Лам, како и истраги за наводна злоупотреба на сила од полицијата.

Полицијата во Хонг Конг наведе дека од 9 јуни се уапсени 592 луѓе од 13 до 76 години. Тие се соочуваат со обвиненија за немири, со кои можат да добијат затворска казна до 10 години.

Гардијан пишува дека во неколку наврати, демонстрантите беа нападнати од непознати луѓе за кои се верува дека се поврзани со одредени групи на организиран криминал, а  полицијата презема малку активности за да ги спречи нападите.