Протести и прослави низ светот пред Меѓународниот ден на жената

Активисти во Франција вчера протестираа против сексизмот и сексуалното насилство пред 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената.

На Плоштадот „Република“ граѓаните истакнаа огромен транспарент со порака „стоп за фемицидот“ во осуда на убиствата на жени.

Женските групи истовремено повикаа на „феминистички штрајк“ денеска со цел да се подигне свеста за поголема еднаквост и женските права во сите сфери на животот.

Слични протести се одржаа на улиците низ повеќе градови низ Франција.

Слични протести се одржаа и во повеќе други светски држави. Сириските Курди го одбележаа 8-ми Март со собир во североистокот на Сирија во градот Камишли кое се наоѓа во оспоруваната зона на границата со Турција.

„Овој собир е за да ја вратиме самодовербата на жените, како и за нивното образование и развој за да се соочат со авторитарноста, културата на смрт, егзил и убиства кои постојат во општеството, а и за заштита на добиеното во револуцијата“, изјавил Береван, кој бил дел од протестот, пренесе Еуроњуз.

Во Русија, Меѓународниот ден на жената е национален празник, а во градот Екатеринбург, воени службеници го одбележаа денот со уличен перформанс, оркестар и со делење на 1.000 цветови на жените.

Во пресрет на 8-ми Март Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) објави нов извештај во кој се посочуваат родовите нееднаквости, особено за стотиците милиони жени во земјите во развој.

„Она на што повикуваме е владите да воведат привремен основен приход за жените. Ако го анализирате растот на семејното насилство ќе видите дека само жените кои имаат одреден основен приход можат да избегаат од таа ситуација“, објаснува Ракел Лагуна, директорката за родови прашања на УНДП.

Привремениот основен приход е политика која ја предлага УНДП со која месечни вложувања од 0,07% од БДП на земјите во развој може да обезбеди финансиска сигурност за 613 милиони работоспособни жени кои живеат во сиромаштија, се наведува во извештајот.