Протестен марш утре во Скопје за солидарност со палестинскиот народ

Од споменикот „Симфонија на мирот“ (спроти гимназија „Јосип Броз Тито“ во Скопје) до Влада, утре, сабота 4 октомври, од 12 часот иницијативата Сите за Палестина организира протестен марш со цел, како што велат, изразување солидарност со палестинскиот народ и осуда на геноцидот во Газа.

„Настанот е дел од глобалното движење на солидарност и отпор против воените злосторства и опсадата на Газа, и има за цел да потсети дека злосторствата против човештвото не смеат да се игнорираат“, соопштуваат од иницијативата.

Од таму сметаат дека „геноцидот не е историска лекција туку крвава реалност во Газа што нѐ засега сите нас“, дополнувајќи дека „изминаа две години од почеток на истребувањето и агресијата на ционистичкиот режим и нивните соучесници“.

„Од неодамна сведоци сме на придвижувања во насока на намалување на инволвираноста на државите и нивните релации со ционистичкиот ентитет кои се должат исклучиво на долгогодишниот херојски отпор на палестинскиот народ во Газа и Западниот Брег, кој израелската војска не успеа да го порази, како и поради огромното движење ширум светот за поддршка на Палестина. Затоа народот во Македонија мора да зборува, да се организира и да дејствува“, стои меѓу другото во повикот за маршот.

Оваа сабота, велат од иницијативата, не се подготвени само да маршираат, туку и да протестираат и блокираат за безбеден премин на нивните другари, активистите што пловат на интернационалната флотила на солидарност, Глобална Хуманитарна Флотила Сумуд.

„Како што работниците ги затворија пристаништата за оружје, така ние ќе протестираме против загрозување на оваа мисија чија цел е кршење на нелегалната опсада на Газа и доставување на хуманитарната помош. Протестот ќе започне во 12 часот пред споменикот ‘Симфонија на мирот’, посветен на холокаустот од Втората светска војна кој се наоѓа спроти гимназијата ‘Јосип Броз Тито’, со цел да нагласиме дека холокаустот не смее да се повторува без разлика на кој јазик плачат децата чии родители се убиени. Протестот ќе заврши пред Владата, бидејќи оваа, како и претходните вазалски власти, се оглушува на напорите на хуманото човештво да се заузда израелската воена машина и да се стави крај на геноцидот“, стои во најавата за протестниот марш на Сите за Палестина.

Воедно, од таму објавија и низа препораки за учесниците во маршот.