Протестен марш: „Стоп за народниот грабеж, бараме оставка!“

Денеска со почеток во 18 часот, граѓанската иницијатива „Граѓаните за Македонија“ ќе одржи мирен протестен марш од Кампот на слободата до министерството за финансии.

„И по 11 дена кампување пред владата се уште нема оставка и политичка одговорност од Никола Груевски за криминалот и неправдата кои им ги нанесе на граѓаните на Македонија. Ги повикуваме граѓаните да се приклучат на денешниот марш и заедно да му порачаме да си оди за доброто на сите. Ние не се откажуваме од нашите барања, Груевски мора итно да замине за да престане агонијата во која живееме од неговото владеење“, порачуваат од иницијативата.

Граѓаните ќе маршираат од владата до министерството за финансии од 18 до 19 часот. По завршувањето на маршот во кампот на слободата ќе има обраќања на новинари, политичари и активисти кои ќе дадат свое видување на актуелните проблеми со кои се соочува Македонија под власта на Никола Груевски. Ќе говорат Младен Чадиковски, новинар и уредник во неделникот Фокус, Драган Тевдовски – политичар, Борче Чупетревски – бизнисмен и Крсте Шајновски – универзитетски професор.

Музичката програма започнува во 20 часот со едночасовен диџеј сет на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и рок свирка на групата „Страна Б“ која е планирана да започне во 21 часот.