Протест во петок под мотото „Дали е среќен 8 Март?“

Овој петок напладне, по повод 8 Март, е најавен протест во Скопје под мотото „Дали е среќен 8 Март?“, најави Платформата за родова еднаквост.

Ќе се маршира од Жена Парк преку Плоштад Македонија, Камениот Мост, до плоштадот Филип Втори, за  еднакви права, еднаква плата, достоинствен живот и должно почитување. 8 Март е Меѓународниот ден на жената кога се одбележува женската борба за економска, политичка и социјална рамноправност.

„Оваа година маршираме со цел да покажеме дека трпението ни е на црвено и повеќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените“, порачуваат од  Платформата за родова еднаквост .