Протест во Нови Сад поради еутаназија на бездомното куче Стен

Стотици граѓани во Нови Сад со своите деца и миленици вчера излегоа на протест во центарот на градот, поради еутаназија на бездомното куче Стен. Тие побараа отказ за ветеринарите од Јавното комунално претпријатие „Зоохигиена“.

Стен до моментот кога бил усмртен живеел на улицата „Лумина III“ каде го хранеле и негувале локалните станари. Ова улично куче особено било омилено меѓу децата, а пред една година тоа успешно ја поминало проверката при што било вакцинирано, стерилизирано и чипирано.

Меѓутоа, на 15 јули оваа година, кучето повторно било однесен од ветеринарите, а неколку дена подоцна и успиено, наводно поради агресивност.

Последна фотографија од кучето скитник пред да биде успиено

Под слоганот „Правда за Стен“ собраните жители побараа одговорност и максимални казни за сите оние кои се одговорни за убиството на кучето.

„Беше забавно и мирно куче, не следеше до училиште и назад до дома. Стен, ние те сакаме и никогаш нема да те заборавиме“, порачаа низ солзи Ања, Теодора и Милица, три девојчиња кои на кучето гледале како на најдобар пријател.

За време на мирниот протестен собир, децата читаа писма упатени кон нивнотот омилено куче, а две девојчиња легнаа на земја со порака „Денеска Стен – утре јас“.

Со овој собир на градскиот плоштад, граѓаните испратија порака дека меѓу напуштените животни има и такви кои се сакани и добри.

Од комуналното претпријатие тврдат дека чинот на еутаназија бил направен според сите протоколи, сепак граѓаните покренаа интернет страница и онлајн петиција упатена до градоначалникот на Нови Сад со цел да се казнат сторителите.

„Бараме овој монструозен чин да биде најостро казнет и ветеринарите кои го убија Стен да добијат отказ, бидејќи не заслужуваат да работат со овие благородни животни – кучињата. Ние како граѓани кои ја финансираме работата на „Зоохигиена и ветеринарство“ бараме да се утврди дали убивањето кучиња е вообичаена пракса на ова претпријатие и да се спречи самоволието кое води до невини жртви“, стои во петицијата.

Од неодамна, властите во Нови Сад добија негативни критики и поради најновата одлука со која се забранува хранење на напуштени и изгубени животни на јавни површини.