Протест во Букурешт поради неразрешените случаи на исчезнати деца

Активисти вчера поставија стотици детски чевли и играчки на тротоарот пред зградата на Министерството за внатрешни работи на Романија. Тие го изразија незадоволството од начинот на кој властите се справија со киднапирањето и убиството на 15-годишно девојче во јужниот град Каракалу.

Според официјалните податоци, лани во Романија исчезнале 4.000 малолетни лица од кои 3.600 биле пронајдени. На останатите 400 им е изгубена трагата, па поради тоа, протестот беше насловен „400 за 400“.

Фото: EFE/EPA/ROBERT GHEMENT

Случајот со тинејџерката Александра Макесану предизвика револт кај јавноста бидејќи полицијата не реагирала на нејзините повици, иако дури три пати се јавила на бројот за итни случаи 112. Во текот на потрагата, полицијата имала проблем да ја лоцира девојката бидејќи користеле погрешна технологија.

Поради огромниот јавен притисок, министерот за внатрешни работи си поднесе оставка, а шефот на системот за итни повици во земјата доби отказ.

Девојката исчезна на 24 јули откако тргнала на пат за Каракалу. За нејзиното убиство е уапсен 65-годишен маж кој ја призна вината. Истиот убил и 18-годишна девојка, која била пријавена за исчезната во април годинава.